Групна психотерапија

Што е групна психотерапија?

Групната психотерапија е посебна форма на психотерапија во која мал број на луѓе се среќаваат под водство на професионално обучен психотерапевт со цел да си помогнат себе си и еден на друг.

Таа обезбедува место каде што луѓето ги споделуваат своите проблеми или прашања. Некои од клиентите паралелно посетуваат и индивидуална психотерапија, но некои доаѓаат само во групите кои им овозможуваат личен раст и развој.

Со самото вклучување во тераписката група, секој член се обврзува за дискреција околу содржините кои ги изложуваат останатите членови со што односот се гради на доверба, почит и меѓусебна поддршка.

Придобивки од групната психотерапија

Приклучувањето во психотераписка група на самиот почеток може да биде малку непријатно бидејќи се соочувате со група на непознати луѓе. Сепак, групната психотерапија дава посебни придобивки за личноста како што индивидуалната терапија не може да пружи. Всушност многу членови од групите се изненадени колку искуството од психотераписката група може да им донесе бенефит во однос на сопствениот раст и развој.

Психотераписката група функционира како систем кој ги поддржува сите свои членови и го подпомага растот и развојот на секој член поединечно. Секој член од групата, покрај тоа што добива поддршка, разбирање и прифаќање, учествува во подобрување на состојбата на другите членови. Преку споделување на сопствените искуства затоа што слушањето и зборувањето на другите луѓе, секогаш може да понуди можност даа се согледаат проблемите од еден друг аспект. Понекогаш личноста чувствува дека само таа има проблеми со кои многу тешко излегува на крај, но во психотераписките групи може да се соочи со фактот дека не е единствена со такви проблеми. Дискусиите и споделувањето на емоциите во групата не само што прави личноста да се чувствува подобро со себе си, туку и овозможува да сфати дека не е сама.

Друга голема продобивка од групната психотерапија е тоа што во групата секогаш има различен тип на луѓе. Таа разноликост на личности и лични приказни овозможува да се согледа сопствениот живот од еден поинаков агол. Во групата секој поединец има увид во начинот на решавање на проблеми кои го прават останатите членови, може да забележи како членовите прават позитивни промени во својот живот, а преку тоа со помош на психотерапевтот да искомбинира и научи сопствени стратегии преку кои ќе се соочи со сопствените грижи.

Покрај членовите на групата, секогаш е тука психотерапевтот кој поминал специфична обука која му овозможила да научи техники и методи преку кои на членовите од групата ќе ги научи на многу нови начини на справување со сопствените емоции, животни проблеми, конфликти итн.

Целта на групната психотерапија е подобро разбирање на ситуацијата во која се наоѓате и со помош на психотерапевтот и групата во целина да научите начини за поефикасно справување со проблемите и подобро да функционирате како поединец.

Групната терапија е одлична во изнаоѓање успешни начини за подобрување на меѓучовечките односи, разрешување на емоционалната напнатост, проблеми со сексуалноста, самодовербата и многу други важни прашања кои се однесуваат на психичката благосостојба.

Групната психотерапија им помага на луѓето да научат повеќе за себеси, да станат поавтентични и со повеќе самодоверба и самопочит, да ги развијат сопствените потенцијали и да ги користат во сопствениот живот за постигнување на посакуваните цели.

Психотерапијата се однесува на чувствата на изолираност, стравови, депресија, анксиозност и други емоционални потешкотии. Таа им помага на луѓето да направат значајни промени, а со тоа и да се чувствуваат подобро во врска со квалитетот на сопствениот живот. Групната психотерапија овозможува согледување на животот и проблемите од еден поинаков аспект и нуди избори кои водат кон целокупен развој на личноста.

Предностите на групната терапија наспроти индивидуалната психотерапија се следни:

1. Финансиски е доста поприфатлива од индивидуалната.

2. Среќавањето со други луѓе овозможува широка перспектива на согледување на нештата околу вас.

3. Слушајќи ги другите луѓе ги согледувате сопствение проблеми од поинаков аспект – емоционалната поддршка на групата дава чувство дека „не сте сами“.

4. Овозможува посебен третман за развој на комуникација со другите луѓе.

5. Овозможува истражување на можни решенија во една безбедна и заштитена средина кои постепено би се применувале во реалниот живот.

Доколку одберете групна психотерапија, разговарајте со психотерапевтот за следниве подробности:

Дали групата е од отворен или затворен карактер? Постојат групи во кои сите членови почнуваат со психотерапија во исто време. Тие групи се затворени и се со траење од 12     недели (3 месеци). Обично се јасно насочени кон одредена проблематика и кога ќе започнат со работа имаат одредени фази и поради тоа не е возможно на приклучување на нови членови во иднина. Отворените групи траат обично подолг период и примаат членови  во тек на целиот период кога се среќаваат. Кога се приклучувате во отворена група секогаш постои одреден период на прилагодување, да ги запознаете останатите членови, но секако ги има истите бенефиции како и групата од затворен тип. Во мојата работа групата е од отворен тип и се одржува во тек на периодот од октомври до крајот на мај.

Колку лица има во групата? Групите со помал број на членови овозможуваат да се посвети повеќе време на секој поединец, додека групите со поголем број на  членови нудат многу разновидни погледи на светот, различен аспект на гледање на проблемите итн.

Каков тип на луѓе се членовите на групата? Групите во кои се слични според возраста, проблемите и потешкотиите, функционираат поусогласено, но нема да има никаков проблем доколку се разликуваат по одредени прашања.

Дали групната терапија е доволна? За многу луѓе делотворно е паралелното посетување на индивидуална и групна психотерапија. Учествувајќи и во групна психотерапија и индивидуална, ги зголемува шансите да постигнете вредни и трајни промени во вашата личност. Многу од клиентите започнуваат со индивидуална психотерапија, а после извесен период се приклучуваат во група која помага за побрз скок во развој. Не е погрешно и доколку одлучите да започнете веднаш со групна терапија и да посетувате само групна терапија.

Колку интимни содржини треба да споделувам во групата? Доверливоста и дискрецијата е важен дел и од     групната и од индивидуалната психотерапија. Строго правило во групата дека надвор од групата не смее да се зборува кој членува во групата и што споделува со останатите членови. Со луѓето „од надвор“ може да ги споделувате единствено вашите искуства и лични содржини со кои сте се соочиле за време на групната психотерапија. Бидете свесни дека апсолутна гаранција за тајноста на она што се зборува не може да постои. Слушајте се себе си и споделувајте онолку колку што сметате дека е безбедно за вас. Имајте на ум дека во групата не сте единствени кои ја споделувате вашата животна приказна, групите најдобро функционираат кога се гради отворена и искрена комуникација. На почетокот, лицата од групата може да ги доживеете како странци,   но дајте си шанса – во краток период тие личности за вас ќе станат вреден и доверлив извор на поддршка. Доколку имате навистина тешки содржини за кои не сте сеуште спремни да зборувате пред групата,  во секое време може да закажете индивидуална терапија каде во „четири очи“ ќе го разработите она што ве вознемирува. Психотерапевтот мора да ви гарантира апсолутна дискреција на она што го споделувате со него.