Терапија и советување за лица кои се соочуваат со тешко опоравување од сексуална, физичка и емоционална злоупотреба или траума
Дали тешко се опоравувате од сексуална, физичка или емоционална злоупотреба или траума?
Дали сте преплавени од трауматскиот настан и уморни сте од болката, збунетоста и безнадежноста?
Дали чувствувате дека е време е да го прекинете волшебниот круг на молчење и срам?
Дали сакате да ја превземете контролата и моќта над себе си и сопствениот живот?
ФАКТИ ЗА ТРАУМАТСКИТЕ ИСКУСТВА
Кога некој е злоупотребен од личноста на која и верувал, централен дел на психичката болка е чувството на предаденост. Тоа силно влијае на чувствата на сигурност и безбедност, но подеднакво влијае на погледот на светот.
Луѓето кои преживеале злоупотреба, многу често прават избор и донесуваат одлуки базирани на нивното минато искуство, а не врз основа на околностите во сегашноста.
Оние кои преживеале сексуална злоупотреба во детството често се преплавени со „остатоците“ од злоупотребата и покажуваат симптоматологија која лошо влијае врз нивниот квалитет на живот. Кога станува збор за злоупотреба на возрасни лица (семејно насилство, силување или навреда), симптоматологијата е многу слична.
Траумата или злоупотребата остава емоционални лузни кои се рефлектираат на целокупниот живот на личноста која некогаш била злоставувана. Оној кој преживеал ваков тип на траума многу често се критикува сам себе за сопствените постапки: „требаше да го сопрам“, „зошто го испровоцирав да го направи тоа?“, „мислев ако го сакам, тој ќе се промени„ и тн.
Самата природа на трауматските искуства го одзема чувството на контрола, моќ и способност на избор. Централен дел на заздравувањето од траумата е пронаоѓање на сопственото ЈАС во сегашноста, искусување на смислата за компетентност и учење на начини кои ќе овозможат правење на позитивни и ефективни избори.
Трауматските искуства, без разлика на формата и сериозноста, го менуваат животот засекогаш. Во сржта на човечките потреби се јавува и потребата да се чувствува безбеден, а кога некој ќе се соочи со трауматски настан како што е силување, физичко малтретирање, семејно насилство, најчесто доминираат чувствата на небезбедност и ранливост. Некои лица се обидуваат да ги избегнат овие емоции. Други пак ги доживуваат многу силно, а тоа им нанесува голема психичка болка.
Доколку во вашиот живот сте преживеале трауматско искуство од било кој тип, психотераписката работа со трауматски искуства, водена од обучен терапевт може да ве научи како да воспоставите здрав однос со сами себе и да започнете повторно да создавате пријатни моменти во вашиот живот.
Соочувањето со траума и злоупотреба може многу да влијае врз емоциите и донесувањето на одлуки во текот на животот. Моќните и долготрајни ефекти од злоупотребата во детството, се провлекуваат во тек на подоцнежните години без разлика дали личноста доживеала сексуална, физичка, емоционална или вербална злоупотреба. И покрај тоа што се обидува да продолжите со секојдневните обврски, ве прогонуваат чувства на срам, се доживувате како лоша личност, невредна за сакање, па дури и „оштетена и гнасна“.
Последиците од трауматските искуства може да бидат следни:
• потешкотии да стекнете доверба во другите
• се колебате во однос на блискоста со другите
• постојано ги тестирате луѓето околу вас
• се чувствувате различни од другите
• верувате дека нешто навистина не е во ред со вас
• мислите дека ако луѓето навистина ве запознаат, ке ве напуштат
• се впуштате во врски со луѓе кои ве злупотребуваат и повредуваат, затоа што таква врска ви изгледа позната
• се чувстувате неспособни да замислите здрава релација со партнерот
Доколку препознавате некои од наведениве чувства – не сте сами. Секогаш можете да се обратите за помош од психотерапевт кој заедно со вас ќе го помине патот до вашето опоравување.
Добрите луѓе како вас, може да бидат врзани со верувања како што е на пример: „јас сум она што ми се случи“ или „јас предизвикав така да ми направи“ или „си заслужив“ или „требаше да го спречам некако“… Меѓутоа длабоко во вашето срце и душа постои еден дел од вас кој знае дека овие верувања не се вистина. Вие не сте сториле ништо за некој да ве злоупотреби, но срамот, вината и лутината постојано ве преплавуваат и повредуваат.
Размислете дали е време да ги трансформирате анксиозноста и стравот во нешто што ќе ви го направи животот добар за живеење.
Може да научите да им верувате на вашите емоции и можеби за прв пат да се чувствувате безбедни во светот во кој живеете. Опоравување од злоставувањето бара огромна храброст, енергија и време. Меѓутоа доколку не побарате помош, продолжувате со живот кој имате сомнеж во себе си и се осудувате на емоционална изолација. Постои подобар начин да постапувате со себе си. Побарајте помош!
Психотерапијата може да ви помогне да го обновите вашиот живот.
Ќе научите да ја разберете, изразите, интегрирате и да се ослободите од болката, повреденоста и збунетоста која можеби произлегува од злоставувањето. Ќе научите како да се справувате со емоциите кои се поврзани со траумата и поинаку да реагирате и да се однесувате. Клучна работа за справување со анксиозноста, стравот, гневот и огромна тага е учење на нови вештини преку кои ќе го направите вашиот живот пријатен и исполнет со радост.
Терапијата и советувањето ќе ви овозможи:
• да развиете чувство дека го контролирате животот
• да ги идентификувате и да се справувате со вашите емоции
• да постигнете чувства на целина, компетентност и сила
• да научите како да поставувате граници кон другите
• да создавате безбедни и квалитетни врски со другите
• да откриете здрави начини на однесување со себе си
• да научите дека имате право да ги чувствувате вашите емоции
• да го продлабочите разбирањето за себе и вашиот живот
• да најдете храброст да продолжите со квалитетен живот
• да научите да сакате на страстен и моќен начин
• да се чувствувате способни да донесете важни одлуки
• да го промените однесувањето
• да верувате дека заслужувате најдобро од животот
• да научите дека вие сте личноста која може да ве спаси од страдање
• да превземете одговорност за вас и вашиот живот
• да научите дека ви треба љубов, но не деструктивна љубов
• да научите како да се опкружите со луѓе кои го уживаат животот
• да верувате во себе
• секогаш да тежнеете кон подобро
Што и да ве повредило кога сте биле дете или возрасен, злоупотребата не мора да биде ваша доживотна казна во затвор. Вашиот живот не е завршен додека не заврши. Почнете да превземате контрола, побарајте помош и наместо жртва, бидете бидете некој кој успеал да направи подобра иднина за себе.