Отворена врска

„Отворена врска“ може да има различно значење за секого. Некои ја разбираат како интимна врска со взаемна љубов, но со обострано согласување за полигамно однесување, односно секој од партнерите може да има друг партнер (или партнери) со кого остварува сексуални односи или пак одржува некаква романтична релација. Од друга страна постојат луѓе кои одржуваат само сексуални односи со повеќе партнери и меѓу нив постои неискажан „договор“ дека таа релација се заснова само на секс и ништо повеќе. Одреден број на млади лица кои стапуваат во брак се одлучуваат на слободен брак или отворен брак каде меѓусебно се ослободуваат од моногамноста и живеат еден нетрадиционален живот во брачна заедница. Овој тренд на нашиве простори се појавува во последниве неколку години и изгледа привлечен за одреден број на луѓе бидејќи се јавува потребата да се скршат старите традиционални оклопи кои веројатно повеќе не функционираат. Улогата на мажите и жените во класичната врска почнува да се менува, но со тоа се јавува и една одредена тенденција за рушење и на она што е добро, природно и човечко. Во денешно време кога огромен број на податоци преку интернет се лесно достапни до поголем дел од популацијата придонесува да се превземаат светски трендови и да се промовираат како стил на живот без да се размисли од последиците кои би се предизвикале од таквиот стил.
На некој начин, врската од отворен тип има свои позитивни страни: разноликост во сексуалните односи, среќавање со различни карактери, исполнување на најразлични желби или потреби кои еден одреден партнер не може да ги задоволи, задоволство од чувството на слобода при правење избор, ослободеност од традиционалните стеги, експериментирање и постојано надградување со различни искуства. До некаде ова може да биде задоволувачко за некој кој се одлучил на врска од отворен тип, но што навистина се случува во отворена врска е многу дискутабилно. За да се одржи и навистина да опстои една отворена врска бара од двајцата партнери високи комуникациски способности, искреност, огромна доверба, поставување на граници и висока способност за менаџирање со сето она што ќе произлезе од нивниот договор. Овде се подразбираат евентуалните чувства кон друга личност со која еден од партнерите е во одредена релација. Во пракса е речи си невозможно отворената врска да опстојува подолг период. Причината поради која партнерите се одлучуваат на слободна врска може да биде најразлична во зависност од возраста. Помлади лица сакаат да експериментираат и да стекнат разновидно искуство пред да стапат во брак. Некои пак не знаат или се плашат да ја раскинат врската (бракот) во која чувствуваат незадоволство, бараат адекватен начин да се ослободат себе си од стегите кои ги чувствуваат. Впуштањето во сексуални односи со трети лица може да биде бегство од реалните проблеми со кои партнерите не сакаат да се соочат и да ги разрешат на еден конструктивен начин, па макар тоа значело и разделба. Стравот да се остане сам може да биде причина за впуштање во врска со повеќе партнери за на крај евентуално да се одбере еден. Стравот од интимност и врзување, целосна предаденост на само една личност,  чувството на преплавеност со партнерот кога се во традиционална врска, како и стравот да се изгуби слободата и интегритетот се можни причини за потребата од слободна врска.
Излегувањето од комфорната зона на живеење не е лесна за многу поединци. Раскинувањето на една неквалитетна врска или развод на брак значи одново учење на нови животни вештини за кои ни еден од партнерите не е спремен или пак нема волја за тоа. Во вакви случаи партнерите најчесто се одлучуваат на неверство или пак прават компромис и се одлучуваат за новиот тренд – слободна врска или брак.
Ваквите врски најчесто се осудени на пропаст и еден или пак двајцата од партнерите остануваат повредени иако се сложиле на отворена врска. Отворената врска е само изговор или немање  на вештини за справување со сопствените проблеми кои можат да бидат и од емоционална и од сексуална природа. Како што спомнав погоре, покрај довербата и искреноста, за успешна отворена врска се потребно е и почитување на меѓусебниот договор на партнерите за полесно менаџирање со сето она што предвидено или непредвидено  ќе произлезе од слободната врска. На пример, многу е честа појавата кога партнерите се договараат да постават емоционални граници кон трети лица (правила за неверство), но сепак развиваат силни емоции кон „другиот“, а со тоа се става крај на отворената врска. Ова само потврдува дека врските од отворен тип не може да бидат така едноставни. Ние луѓето сме социјални суштества и обично во релации со други луѓе вложуваме и емоции. Дури и „голиот“ секс помеѓу двајца партнери по извесен период може да предизвика чувства на приврзаност, предаденост и длабока интимизација на односот. Ова би значело дека одлуката за отворена врска само  маскира одредени проблеми, неостварени потреби, борба на суети, бегање од обврските, страв од предаденост и длабока интимна поврзаност. Имањето на повеќе партнери во ист период предизвикува „распрскување“ на сопствените емоции кон повеќе лица и неможност за целосно емоционално инволвирање во врските. Се се сведува на квантитет, а со тоа врските го губат квалитетот, не нудат безбедност, сталоженост, довеливост и стабилност. Со ваков квалитет врската полека но сигурно оди кон пропаст. Иако преку отворената врска може краткотрајно да се задоволат некои потреби, да се разбие монотонијата, да се доживее нешто ново, да се експериментира, долгорочно гледано, отуѓеноста и оддалеченоста од останатите е во постојан пораст. Во ваков случај на се подлабоко отуѓување,  личноста може да бара спас во впуштање во сексуални релации со уште повеќе партнери, несфаќајќи го магичниот круг во кој постепено западнала – колку повеќе партнери, толку поголема отуѓеност и од другите и од себе си. Овде е потребна свесност за себе си и сопствените потреби, да се открие што навистина ни треба и како да го добиеме.
Денес постои тренд не само на отворена врска туку и на општа сексуализација на релациите на луѓето, се повеќе продира терминот “секс-пријатели“ кој е само уште една маска за прикривање на сопствените стравови, фрустрации и неисполнети желби и потреби. Со кршење на старите традиционални односи помеѓу мажите и жените, се забораваат вистинските вредности на приврзаност, предаденост, доверба, искреност, етичност и чесност во врската. Доколку продолжи да зема замав ваквиот тренд, постои веројатност за интелектуализирање и сексуализирање на романтичните врски, а со самото тоа предизвикување на уште поголемо незадоволство и фрустрација поради неостварување на сопствените емоционални потреби како што се чувствата на љубов, длабока интимност, чувства на припаѓање и предаденост. Една романтична или сексуална врска можеме да ја водиме од разумот, но сепак на сите ни е јасно дека во срцето имаме место само за една личност на која можеме да и дадеме љубов, онаа силна, длабока искрена и чиста љубов која сите ја посакуваме.