Сексуално злоставување на деца

Како една табу тема која тивко се провлекува низ многу семејства и низ многу детски животи, па понатаму товарот го носат и како возрасни, сексуалното злоставување за жал е нешто пред кое ретко која личност има храброст да застане со отворени очи. Родителите се ретко информирани за показателите на сексуално злоставувано дете, скоро никогаш не му објаснуваат на детето како да постапи кога би се соочило со злоставувач, најмалку ги знаат последиците од такво злоставување и најтешко од се – најчесто родителот или некој близок на семејтвото (користејќи ја лојалноста и предаденоста) се појавува како злоставувач на детето.
Поттикната од сите овие причини, вклучувајќи го и слабото функционирање на државните институции по ова прашање, би сакала колумнава да им послужи на многу родители и деца/тинејџери.

Да почнам од почеток : што е сексуално злоставување?

Сексуалното злоставување на деца е секој вид на искористување на детето кое е помладо од 18 години со цел да се оствари сексуално уживање на восрасна личност.

Како сексуално злоставување се смета:
• наметливи телефонски повици
• воаеризам
• покажување на половите органи
• снимање порнографски фотографии и/или видеа
• милување
• обид да се оствари сексуален однос
• орален, вагиналиен или анален контакт или сексуален однос
• силување
• инцест и детска проституција.

Сексуалното злоставување се однесува на вклучување на зависно и развојно незрело дете (или адолесцент) во сексуални активности кои тоа не ги разбира и на кои не може (не знае) да даде согласност.

Спомнав дека злоставувачот најчесто е член од семејството или некој близок на семејството, па затоа детето покрај лојалноста и љубовта кон злоставувачот, чувствува и страв и збунетост, истовремено обидувајќи се да сокрие од околината што му се случува. Најчесто при обелоденување на злоставувањето, се води сметка за возрасните („што ќе речат луѓето“) или пак на настаните се гледа со неверување („дете е, можеби лаже“), а не за детето кое е злоставувано. Така случајот се одолговлекува и пополека се става во заборав додека детето тивко страда, се повеќе затворајќи се и отуѓувајќи се и од себе и од другите, почнува да „става маски“, а во зависност од возраста може и навистина да го убедат дека настанот не се случил никогаш што не значи дека тоа нема да остави последици на него.

Како одговорни лица и пред се како родители, мора да бидеме свесни за следново:
• за насилството секогаш е одговорен оној кој го врши
• за стореното насилство врз дете никогаш нема прифатлива причина, оправдување, извинување, туку постои одговорност и пропишани законски последици за причинителот
• причинителот на злоставувањето не смее да ги промени нашите ставови и убедувања во однос на насилството, човечките права, детскитеправа, правата на жените и одговорнозта за сторените дела.
• со насилство се кршат основните човекови и детски права, криењето на злоставувачот не’ прави негов  соучесник, не смееме да ја криеме неправдата, туку треба да сме јавни и транспарентни во своето дејствување  кога знаеме дека е злоставувано дете.

Што можат да почувствуваат сексуално злоставуваните деца?

• Збунетост: затоа што го сакаат злоставувачот, лојални му се и приврзани бидејќи им е близок и затоа што емоциите наизменично завземаат место.
• Тага: имаат чувство дека изгубиле или дека „нешто“ им е одземено, зашто предвреме пораснале, и чувство дека се изневерени и предадени од некој на кому му верувале, го сакале и почитувале.
• Страв: од злоставувачот, од создавање проблеми, од губење на важни личности во нивниот живот, од тоа дека ке се избркани од дома, од тоа дека другите ќе ги гледаат како „поинакви“.
• Лутина: кон злоставувачот, кон возрасните кои не ги заштитиле, кон сами себе („за ништо не ме бидува освен за проблеми“).
• Изолираност: затоа што размислуваат на начин – „нешто не е во ред со мене“ или имаат чувство дека „на чело им пишува“ за настанот, се чувствуваат како само тие и никој друг немал такво искуство и не можат да зборуваат за злоставувањето.
• Срам: што доживеале такво искуство и поради реакциите на нивното тело на злоставувањето (понекогаш може да се случи детето да доживувее задволство, па и оргазам).
• Вина: затоа што не го спречиле злоставувањето, затоа што имаат чувство дека се согласиле на „тоа“, затоа што некому кажале (ако кажале) или никому не кажале. Ова чувство на вина секогаш е наметнато од надворешната средина, не е автентично. Блиските на злоставуваното дете, незнаејќи како да се справат со ситуацијата често пати (свесно или не свесно) вината ја префрлаат на детето зборувајќи му: „не можеше ли да побегнеш“, „што бараше таму?“, „не требало да одиш“, „зошто кога ти велев, не внимаваше што правиш?“ и сл. Многу е важно родителите да му помогнат на детето да не се чувствува виновно, да не гостават во улога на жртва, јасно и отворено да зборуваат пред него за настанот, да му посочат дека има свои права, дека има право да се одбрани од секој кој ќе му наштети, во спротивност – доколку го стават во улога на жртва, доколку единствено се шепка околу него за „тоа“, доколку се остави злоставувачот неказнет, детето телесно ќе се чувствува „валкано“, а тоа се одразува во целокупниот понатамошен живот на детето.

Како да препознаеме сексуално злоставувано дете/адолесцент?

Ниту еден од овие знаци не е сигурен показател дека детето е сексуално злоставувано, но што повеќе знаци кои се поинтензивни остава место за загриженост. Симптоматично е она што за детето/адолесцентот е несекојдневно, невообичаено, настанало како нагла промена.

Знаците се следниве:

• повлекување во себе

• често туширање

• депресивност

• „трупање“ на многу алишта на себе

• нагли промени на расположението

• изненадна агресија и револтираност

• стравови

• страв од некои луге и некои места

• чувство на потиштеност,

• беспомошност, вина, срам

• избегнување на физички контакт

• проблеми со внимание

• мешање на емоции со сексуално однесување

• нагло попуштање со успехот во училиште.

Според ова, последиците кај сексуално злоставувани деца се следни:

• лоша слика за себе и сопственото тело
• стравови, фобии, панични напади, анксиозност, депресија
• проблеми со спиење проблеми со исхраната (анорексија/булимија)
• немање доверба во никого, страв од отфрлање, тешкотии во воспоставување на блиски односи и нивно одржување
• сексуални проблеми, – тешкотии со концентрацијата
• подложност кон понатамошно злоставување од секаков вид (пр. жената и понатаму останува во врска каде е физички и психички малтретирана)
• тешкотии во доживување на позитивни животни искуства, не наоѓање на задоволство во ништо
• злоупотреба на алкохол и опојни средства итн.

Што ако дете ви се повери дека било или е сексуало злоставувано?

Она што едно дете сака да слушне во тој момент е следново:
• дека му верувате
• дека ви е мило што ви се доверило токму вам
• дека е храбро што го кажало тоа
• дека многу ви е жал што се случил тој настан
• дека не е единствено дете на кое се случиле такви нешта
• дека ќе морате да кажете на професионални лица чија должност е да го заштитат

Што НЕ смеете да правите?

• Што и да чуете, немојте да се згрозувате ( пред детето), не беснеете, не плачете, треба да сте мирни, стабилни и сигурни во себе.
• Не сугерирајте одговор на прашањата кои ги поставувате (пр – нели не се случи така?), не предпоставувајте.
• Не ветувајте му нешто на детето за кое не сте сигурни дека нема да го исполните, како на пр да ветите дека нема да кажете никому (законот ве обврзува да ги известите надлежните).
• Не го замолчувајте детето, не го убедувајте дека треба да прости и да заборави што се случило (тоа е само начин да се смирите сами себе)• Зборувајте на разбирлив јазик за детето
• Не настапувајте со идеја дека детето е луто на злоставувачот (обично не е така)
• Не брзајте, дајте му време на детето да се изрази и да ве праша доколку сака нешто да праша.

Зошто децата не се поверуваат дека се сексуално злоставувани?

• Не знаат кому да се обратат.
• Тешко им е да се изразат вербално за тоа што се случило.
• Сторителот на злоставувањето му се заканил на детето.
• Збунети се од чувствата кои го следат злоставувањето.
• Се плашат дека никој нема да им верува.
• Се обвинуваат себе и мислат дека злоставувањето е казна затоа што се лоши.
• Се плашат дека ке се доведат себе си и своите блиски во големи непријатности.

Како можам да го заштитам детето од сексуално злоставување?

• Научете го детето ако некој го допира наначин кој му е неугоден или чуден, да каже НЕ и потоа веднаш да раскажат што се случило
• Разговарајте со децата за нивните контакти со другите луѓе, правете го тоа секојдневно. Прашајте ги како се чувствуваат, тоа ќе им помогне да се чувствуваат удобно со вас кога  разговарат за било што.
• Не ги учете децата на „слепа послушност“ кон возрасните. НЕ учете ги да прават се што роднините, наставниците или вашите пријатели бараат од нив. Наместо тоа, научете ги дека многу возрасни луѓе се добри, но мора да си го слушаат своето среце. Кажете им дека е сосема во ред ако на возрасна личност и кажат НЕ доколку таа личност сака да им направи нешто лошо.
• Научете ги децата на точните изрази на интимните делови на телото. Со разговор ќе ја спречите непријатноста која може да се јави околу сексуалноста и да му се укаже на детето дека може да разговара со вас за таа тема.
• Научете го детето што е добар а што лош допир. Објаснете им дека е во ред доколку лекарот ги допре за да ги прегледа, но не е во ред некој да ги допира по интимните делови на телото.
• Научете ги да немаат тајни пред вас, не го охрабрувајте чувањето на тајни во семејството. Кажете им на децата секогаш се да ви кажуваат, без разлика што им рекле другите.
• Научете ги децата дека овие правила се однесуваат на сите луѓе, а не само на странци.
• Покажете им дека се сакани, вредни и да залужуваат да се безбедни и среќни.

Жртва сум на сексуално насилство. Што да правам?

Ако си сексуално злоставуван/а важно е што поскоро да пронајдеш личност во твојата околина на која и веруваш и на која можеш да и раскажеш што ти се случило.

Чувањето на твојата тајна му носи корист на злоставувачот, а тебе ти наштетува. Злоставувачот ти се заканува за да те заплаши и да се осигура дека нема никому да кажеш. Тие закани најчесто се безопасни, иако не ти изгледаат така.

Што ако во мојата околина нема возрасна личност на која можам да и се обратам?

Можеш да се обратиш на школскиот психолог, наставникот, лекар, центарот за социјална работа, полиција, психолошко советувалиште. Овие професионалци ке ти помогнат и ќе те заштитат.

Што ако оној на кој се дооверив, не ми верува?

Поголмиот број на возрасни, ќе ти поверуваат и ќе те заштитат. Сепак, може да се случи некои личности нема да изреагираат онака како што треба и да не ти поверува. Тоа не е твоја вина. Ти знаеш што се случило, затоа пронајди друга личност на која ке и се довериш, немој да се откажеш, најлошо што можеш да направиш за себе е да молчиш за случката.

Дали сум јас виновен/виновна за ова што ми се случува?

Ти не си виновен/виновна за злоставувањето, иако злоставувачот или некој од твојата околина можеби тоа ти го рекол. Сексуалното злоставување е казниво со закон.

ДЕТЕТО НИКОГАШ НЕ Е ОДГОВОРНО ЗА ЗЛОСТАВУВАЊЕТО.

Да не заборавиме на фактите :

• Сексуално злоставување се случува кај сите раси, народи, социјални групи и економски класи, без оглед на степен на образование.
• Околу 90 % од злоставувачите се членови на семејството или нивни блиски пријатели.
• Детето никогаш не е виновно за злоставувањето, нема одговорност за тоа, виновен е злоставувачот и за тоа нема никакво оправдување или добра причина.
• Злоставувачот скоро никогаш не користи агресија за да го изврши злосторството, тоа е или наговарање или поткупување или закана.
• Девојчињата многу почесто се отвараат од момчињата кога им се случува вакво искуство.
• Сексуалното злоставување не е проблем кој ке пројде со времето туку остава трајни последици доколку детето не добие адекватна психолошка помош и поддршка.
• Децата најчесто молчат за тоа дека се злоставувани, затоа ние возрасните треба да се едуцираме како да ги препознаеме симптомите и да превземеме заштитни мерки.
• Доколку пријавиме ваков настан, го спречуваме злоставувачот да повреди и други деца.