Една од најважните нешта во животот на една жена е мајчинството. Од самиот момент кога за прв пат жената ќе ја добие информацијата дека е бремена, почнуваат големи промени во нејзиното размислување и однесување. Веста најчесто е примена со голема радост од поширокото семејство, а после првичната возбуда најчесто се прават планови околу раѓањето на детето – што ако биде момче, што ако биде девојче, како ќе се вика, дали ќе се прави детска соба…Идните родители ги споделуваат сопствените очекувања и желби, размислувајќи само на најдоброто, фантазирајќи и идеализирајќи ја иднината за нивното семејство. Раѓањето на сопственото дете е прекрасна вест, но секогаш како да останува една премолчена вистина одколу целиот процес на бременоста, раѓањето и воспитувањето. Убавината, задоволството и среќата на мајката често пати може да биде паралелно проследена и со непријатни чувства и доживувањња кои се јавуваат во првата па дури и втората година од мајчинството. Овој дел од сопствениот живот, секоја поискусна мајка го премолчува или го раскажува како сладок мит. Често пати мајките чии деца се одраснати, низ анегдоти ги раскажуваат најтешките моменти низ кои поминале. Сепак и околу бременоста и околу мајчинството остануваат премолчани вистини кои поискусните мајки не ги раскажуваат. Ретко се среќаваат жени кои се подготвени да ги скршат општествените табуа околу мајчинството и јасно да изразат како навистина им поминал тој дел од животот. Одреден дел од жените полесно се снаоѓаат во новонастанатите услови, но еден голем дел од жените тешко се соочуваат со прилагодувањето на новиот живот, новата одговорност, на своето тело и новата улога како мајка.

             Многу жени развиваат силен страв околу породувањето, а нема со кого да го споделат или пак не си дозволуваат да споделат поради чувството дека тој страв не е соодветен за ситуацијата.  Првичниот шок најверојатно кај секоја мајка настанува со самото породување – соочување со фактот дека можеби ќе и треба помош до тоалетот, помош да се облече, да стане, исцрпеноста од самото породување, бурата од хормони која предизвикува нагли промени во расположението…и секако бебето кое за прв пат ќе го земат во раце и од тој момент па натаму треба да се грижат за него. Некои жени во првите неколку недели или пак месеци може да се почувствуваат несигурно и потиштено. Со самото раѓање на детето, животот на жената никогаш веќе нема да биде како порано. Иако таа промена е очекувана, не е лесна и често пати е проследена со стравови, сомнежи, вложување силни напори да се одговори на секоја потреба кон новороденчето, но и во секојдневните потреби на домот и семејството во целина. Стравот да остане сама со бебето, лутината кон постарото дете, партнерот или пак кон новороденото, кај жената секогаш предизвикува чувства на вина и размислувања кои ја прават да се чувствува како лоша мајка. Соочувањето со голема одговорност кај некои мајки ја разнишува самодовербата и создава сомнеж дека нема да биде способна соодветно да се грижи за своето дете. Долгите непреспани ноќи проследен со плач на бебето, стравот да не му се случи нешто лошо, грижата да биде соодветно нахрането, пресоблечено, одморено, облечено, заштитено, безбедно, изнесено на прошетка, се главните приоритети на мајката. Сето ова е проследено со дополнителни обврски во семејството – чистење, готвење, перење, пеглање…Како течат деновите, нивото на стрес кај мајката се покачува поради се поголемиот ангажман кон детето, а и поради недостаток на време да се посвети на себе и сопствените потреби може да предизвика фрустрација и силно незадоволство. Во овие моменти пожелна е стабилна семејна ситуација, партнер полн со поддршка и блиски врски со пријателите. Но сето ова не е гаранција дека жената многу лесно ќе се соочи со предизвиците на мајчинството. Многу често мајките меѓусебно зборуваат и се советуваат како точно треба да се грижат за децата. Овие разговори понекогаш и не се добредојдени, посебно ако тие го сфатиле мајчинството како натпревар (а тоа е честа појава кај новите мајки). Советите дека не смее бебето да се става на вештачко млеко и мора да се дои, кај одредени жени предизвикува силни чувства на вина. Иако доењето е најприродно и најдобро нешто што се случува помеѓу мајката и бебето, на некои жени едноставно доењето не им лежи. Ова е сеуште табу тема која жените ја избегнуваат и силно се спротивставуваат на сопствените доживувања токму поради осудата која доаѓа од пријателките, пошироката социјална средина, педијатрите итн. Доколку ова е случај со одредени мајки, оптеретувањето со оваа осуда може навистина да предизвика емотивен хаос кај жената. Сепак, најважно е новата мајка да постапува онака како што се чувствува.

            Во денешно време, покрај мајчинството, од жените се очекува да ја развијат и својата кариера, па кај одредени жени се јавуваат внатрешни конфликти во однос на професионалниот развој. Незадоволството од неопходноста да се стави во мирување професионалниот живот, може дополнително да предизвика непријатни чувства, а поради предизвиканата вина жените најчесто молчат како се чувствуваат. Наглата промена во слободата на движење и социјалните контакти може дополнително да создаде фрустрација. Во моментите кога употребата на тоалетот се чини како најголем личен проект во  незиниот живот, жената полека сфаќа дека мајчинството бара многу одрекувања, а тоа подразбира и одрекување од себе си. Излегувањето со друштво изгледа далечно, одењето во театар е прогласено за непотребно, опуштањето со добра музика е луксуз, новата фризура и не постои веќе на листата на потреби…Шокирана, ненаспана, исцрпена и „стеснета во ќоше“, жената може и да помисли: кој ли може да ужива во ова? кој ли ми кажа дека мајчинството е прекрасно?…

                        Иако секое ново дете во семејството е благослов, а мајчинството е подарок, не значи дека мајката секогаш треба да биде насмеана, задоволна, витка, дотерана, среќна со насмеано дете во рацете, баш како што наметнуваат медиумите. Нормална и не ретка појава е мајката да се почувствува осамено и изолирано, мислејќи дека таа е единствената мајка која така се чувствува. Бранејќи се од чувствата на вина и од осудата која доаѓа и од семејството и пријателите, жената премолчува и тивко го поминува почетокот и раниот тек на мајчинството. Овој период е навистина чувствителен и бара надчовечки напор да се помине без многу бранувања во секоја животна сфера. Она што може да помогне во овој транзиторен период е да се поедностави животот. Би било убаво новата мајка да си ги постави приоритетите, а секако под број еден е бебенцето за кое е одговорна да се грижи. За да може да постигне оптимално родителствување, мајката мора да направи добра анализа на сопствениот живот, па и сопствената личност – да биде свесна што е она што го сака, што во тој период и е најважно, што е тоа што е неопходно да се прави, од што може да се откаже, што е она што може да се одложи и да почека. Предизвикот на мајчинството станува уште поголем и несовладлив кога не се поставуваат приоритетите. Сето тоа што таа го прави може да изгуби смисла и постојано да генерира незадоволна мајка, а со тоа и незадоволни деца. Не смее да се занемари потребата на мајката понекогаш да се осами и одмори макар на половина час – нема ништо лошо во тоа еден човек да  помине малку време со себе си и да се преиспита на различни теми.

            Идеалот за мајка кој се слави во нашето општество, не дозволува мајката дури и на сама себе да си признае како се чувствува понекогаш. Не е прифатливо да каже дека по самото раѓање на детето не почувствувала безгранична љубов, не е прифатливо да каже дека тешко се снаоѓа во улогата на мајка, не е прифатливо да каже дека подобро се снаоѓа во некоја друга улога, не е профатливо да каже дека децата „и одат на нерви“… Тие чувства не ја намалуваат љубовта кон децата, напротив, таа љубов станува се поголема со тек на времето. Сите емотивни промени кои се доживуваат на почеток на мајчинството се резултат на адаптација на новиот живот. Тоа нема никаква врска со љубовта кон детето, напротив, токму поради таа љубов жената може да го издржи целиот тој притисок кој се наметнува. Да, возможно е да се поминат полесно проблемите кои доаѓаат рака под рака со мајчинството. Со самото раѓање на детето, жената чувствува радост, но претрпува огромни промени кои може да предизвикаат сериозни проблеми не само за неа, туку и за целото семејство. Секогаш постоела таа потреба, но во денешните животни услови мора јавно и на глас да се зборува за проблемите кои се јавуваат во периодот на раното мајчинство, да се зборува за паниката, стравот, изолацијата, вината, осаменоста, исцрпеноста…Само на тој начин новата мајка ќе може лесно да се соочи со новосоздадените ситуации и постепено ќе прифати дека не мора да планира „бегство на пуст остров“, дека светот не ја исфрлил, туку е еден транзиторен период кој е неминовен во одговорноста за грижата на едно бебе. Новата мајка треба да знае светот всушност ја чека да се приклучи кога ќе биде спремна за поинакви предизвици. Свесноста за овие појави во текот на мајчинството само ќе овозможи многу полесно да се помине најраниот период од развојот на детето кој всушност бара најсилен ангажман на мајката. Мајчинството не е само пеперутки во стомакот, розов свет и виножито, напротив, носи многу голем товар и проблеми. Ова треба да го знае секоја (идна) мајка со цел полесно да се соочи со се што ќе донесе мајчинството. Соочувајќи се храбро со сето ова, станува подобра и постабилна личност, а со тоа и постабилна мајка која би израснала прекрасни личности.